Стајиќ: Сакаме реванш против МЗТ Скопје, па „мајсторката“ нека одлучи

Бобан Стајиќ, искусниот плејмејкер на Пелистер верува во добра игра и позитивен резултат на неговиот тим на неделниот втор меч од полуфиналето против МЗТ Скопје

Кошаркарите на Пелистер мора експресно да го остават зад себе поразот од првиот меч со МЗТ Скопје и максимално фокусирании да влезат во вториот дуел од оваа полуфинална серија што е на програмата в недела. Домашниот терен и поддршката од верните навивачи во салата „Боро Чурлевски“ ќе биде значаен адут во битката за победа, а кошаркарите се решени да прикажат уште подобра игра од онаа во „Јане Сандански“ во средата.

Според искусниот Стајиќ, брзата игра е она што може да му донесе на Пелистер позитивен резултат на неделниот натпревар.

„Може да се каже дека одигравме добар натпревар и во Аеродром, но за жал беше недоволно за триумф. МЗТ беше поприсебен во завршницата и тоа го одлучи натпреварот. В недела е нов меч, а ние сме решени да дадеме се од себе да стигнеме до триумф. Знаеме дека брзината е нашата предност и треба да продолжиме да играме така. Исто така, мораме да го градиме нашиот кош многу подобро од претходниот меч, да спречуваме офанзивни скокови на противникот и истовремено да ја отвораме нашата транзиција. МЗТ го одбрани домашниот терен, на нас е да го сториме истото и да се избориме за мајсторка, која ќе го одлучи патникот во финалето“, вели Стајиќ.

Вториот натпревар од полуфинална серија меѓу Пелистер и МЗТ е закажан за недела со почеток во 18:00 часот.