Стајиќ: Победуваме, ама можеме да играме доста подобро!

Кошаркарите на Пелистер по двете победи над Работнички и Чаир ќе се судрат со Маџари во натпревар од 14. коло на Суперлигата. Плејмејкерот на пелистерци Бобан Стајиќ го најави следниот предизвик. Тој нагласи дека тимот иако победува, може да изгледа подобро на терените.

„Ова е натпревар што е многу важен за нас, дефинитивно сакаме да продолжиме со успешните резултати од стартот на годината. Маџари е тим што игра квалитетно, а клучно за нас ќе биде да ја исконтролираме брзата игра на противникот и да сме стабилни во рекетот кога станува збор за скок-играта. Ако успееме во тоа, големи се шансите дека ќе се радуваме на крајот. 

Секако дека сме задоволни затоа што славевме на првите средби, но верувам дека ова не е најдоброто од Пелистер. Иако имаме стопроценетен ефект во 2026, сите сме свесни дека можеме да играме многу подобро, пред се во одбраната која не ни е на посакуваното ниво. Токму тоа ќе биде клучно за мечот со Маџари, мораме да играме подобра одбрана за да стигнеме до нова победа“, изјави Стајиќ. 

Средбата меѓу Маџари и Пелистер се игра вечерва во терминот од 20:30 часот.