Стајиќ: Пелистер ќе ги нападне двата трофеи во мак-баскетот!

Кошаркарите на Пелистер се најпријатното изненадување во Првата македонска кошаркарска лига, бидејќи нижеа победи и пробиваа „стотки“ каде што ќе стигнеа и како лидер го дочекаа плеј-офот.

Еден од најзаслужните за ваквите резултати на „зелено-белите“ е плејмејкерот, Бобан Стајиќ. По големата победа над Работнички, со која ја „чекираа“ првата позиција, разигрувачот на битолчани за Gol.mk нагласи дека сакаат два трофеи оваа сезона. 

„Знаевме од какво значење е натпреварот. Цела година сме најдоминантни, ги надигравме сите противници, од никого не бевме надиграни, тоа беше голем мотив да го потврдиме тоа и вечерва со Работнички. Мислам дека е јасно дека Пелистер ќе ги напаѓа двата трофеја. Колку ќе успееме во тоа, ќе видиме, но наше е да излеземе и да играме препознатливо како што знаеме, како што ги победуваме противниците сезонава, а останатото - ќе видиме.

Уште на почетокот на сезоната целите на клубот беше да се постави една добра основа. Ние не размислвуаме многу за следната година, некои од играчите имаат договори, но сега целиме на титулите. Битола е убав град, Пелистер е одлична средина и зошто тоа да не остане успешно и во континуитет?“, ни кажа Стајиќ.

За волја на вистината, Пелистер покрај скопските ривали МЗТ Скопје и Работнички се етаблира во легитимен кандидат за титулата оваа сезона во првенството, а со сигурност ќе бидат мотивирани и во Купот на Македонија.