• Зоран Мишевски
По непредвидените порази од Шкупи и Работнички, македонскиот вицешампион Пелистер се наоѓа пред уште еден тежок испит. За да ги задржат и така малите шанси за пласман на едно од првите две места во групата во АБА2 лигата, момците на Александар Петровиќ мора вечерва во Босна и Херцеговина да го совладаат Широки.
Бобан Стајиќ очекува овој натпревар да биде пресвртница во сезоната на битолчани.
„Натпревар да се биде или не за нашиот состав. Се наоѓаме во криза веќе извесен период и следниот натпревар ни е шанса да го поправиме впечатокот. Со победа против Широки ни се отворени шансите за втор круг, што е и наша цел. Потребна ни е максимална пожртвуваност, фокус во сите 40 минути, агресивна одбрана и целиме кон тоа да се вратиме со победа“, рече репрезентативецот.
Со вчерашната победа на Џокер против Подгорица, битолчани ги задржаа теоретските шанси за пласман во елиминационата фаза. За да останат со шанси во последното коло, мора прво вечерва да извојуваат победа на теренот на Широки.