• Иван Димовски
Кошаркарите на Пелистер ги очекува дуел со Кожув на домашен терен во рамките на Првата лига на Македонија. Во згузнат распоред, третпат во седум дена пелистерци ги очекува натпревар. Пред средбата со гевгеличани своите очекувања ги изнесе Бобан Стајиќ.
„Пред нас е доста важен натпревар, се наоѓаме во мала резултатска криза и овој меч е одлична шанса за враќање на победнички патеки. Задачата нема да биде лесна бидејќи се среќаваме со екипа што ќе игра без притисок, екипа што нема што да загуби. Она што ќе биде клучно е да го наметнеме нашиот ритам на игра, како и да ги запреме нивните шутеви од далечина. Ако успееме во тоа, резултатот нема да изостане. Мотивирани сме, знаеме дека сме должни на верната битолска публика која ни дава огромна поддршка на секој меч. Затоа, заедничка желба на целиот тим е да ги израдуваме со победа“, изјави Стајиќ.
Пелистер бара излез од мини-кризата по двата порази од Џокер во АБА-2 лигата и Гостивар во првенството.
Средбата во салата „Боро Чурлевски“ се игра во 18:30 часот.