Србиновски: За Куманово оваа сезона е успешна!

Куманово на крајот од сезоната во БИБЛ мораше да се задоволи само со второто место, откако Берое во финалето славеше на двата дуели со кош разлика од 33 поени. И покрај овај пораз, тренерот Марјан Србиновски истакна дека кога ќе се погледне севкупно сезоната тој е задоволен од постигнатото.

„Не сум задоволен од овој двомеч со Берое и мислам дека можевме и требаше да одиграме подобро. Првиот натпревар го реши новиот шампион, со 29 разлика тешко е да се влезе во меч, има ментална блокада кај играчите. Ние влеговме во грч, одигравме катастрофално прво полувреме. Во третиот период покажавме квалитет, одигравме добро, но немавме сили. На крајот, оваа сезона за Куманово е успешна, честитки до играчите, управата и навивачите. Се надевам на подобри времиња за клубот“, изјави Србиновски.

Веќе в сабота Куманово ги продолжува настапите во домашната Суперлига, а на програмата е гостувањето кај Карпош Соколи во рамките од осмото коло.