• Мартин Танасковски

Поранешниот македонски селектор и репрезентативец Марјан Србиновски и официјално е промовиран за нов шеф на стручниот штаб на Соколи 1933, клуб кој амбициозно се подготвува за можен настап во Суперлигата во сезоната 2026/27.
Штипскиот клуб најави дека ќе аплицира на конкурсот на Кошаркарската федерација на Македонија за пополнување на испразнетото место во елитното друштво, кое се отвори откако Чаир 2030 не доби лиценца за настап. Во Соколи 1933 веќе активно работат на формирање конкурентен тим, а Србиновски ќе има клучна улога во реализацијата на спортскиот проект.
Зад искусниот стратег стои богата играчка и тренерска кариера. Како кошаркар настапуваше за Гостивар, МЗТ Скопје, Никол Ферт, Жито Вардар, Работнички, Куманово, Здравље Лесковац, Фаворити и Карпош Соколи, оставајќи значаен белег на домашната и регионалната сцена.
По завршувањето на играчката кариера, Србиновски успешно ја продолжи работата како тренер, предводејќи ги екипите на Работнички, Торус, Кожув, Куманово и Гостивар. Во својата кариера беше и селектор на сениорската репрезентација на Македонија.

