• Редакција Gol.mk

Србинот Ненад Трајковиќ е тренерот што ќе го води Пелистер во вториот дел од оваа натпреварувачка сезона, откако управата на нашиот клуб постигна договор за соработка со овој ценет и успешен тренер. По одлуката за повлекување на Александар Петровиќ, одлуката на раководството на Пелистер беше оваа функција да биде доверена на искусен тренер со беспрекорно реноме во регионот.
64-годишниот Трајковиќ ја почна тренерската кариера како асистент во Партизан, а во периодот од 1999 до 2001 година беше и шеф на стручниот штаб на прославениот српски кошаркарски колектив. Работеше како помошен тренер во Реал Мадрид, извесен период беше и селектор на младинската репрезентција на Југославија, а Трајковиќ мина една сезона и во НБА лигата, како дел од стручниот штаб на Кливленд кавалирс.
Во 2014 година беше и селектор на репрезентацијата на БиХ, а последен ангажман му беше како предводник на Студентски Центар, успевајќи да го внесе овој тим во елитното друштво на АБА лигата.
Доаѓањето на Трајковиќ во Битола се очекува во текот на утрешниот ден, а српскиот стручњак ќе дебитира на клупата веќе на натпреварот со Гостивар закажан викендов.
„Домашниот дуел со Гостивар, е одлична можност за вртење на нов лист и почеток на нова победничка серија, на натпревар пред верната битолска публика.
Му посакуваме многу среќа на новиот тренер и имаме апсолутна доверба во неговите квалитети, со надеж дека под негово водство ќе ги исполниме зацртаните цели за оваа натпреварувачка сезона“, вели клубот од Битола во своето соопштение.
Битолчани ги загубија двата натпревари во новата година и паднаа од првото на третото место.