Србија загуби добиен меч со Белгија и си го искомплицира патот до СП

Кошаркарите на Србија загубија добиен натпревар против Белгија (73-74) и ги чека пекол во последниот квалификациски филтер на патот кон Мундобаскетот. Иако во самата завршница „орлите“ имаа двоцифрена предност, Белгијците со епски пресврт стигнаа до голем триумф во салата „Чаир“. 

Натпреварот кој започна вчера и беше прекинат, се доигра денес. Се играше изедначен прв дел, екипите се менуваа во водството, а Србите подобро заиграа по паузата. До самиот крај на дуелот домашните беа пред победата, за потоа од 71-61 да следи серија од 13-2 за Белгија и голем триумф.

Србија веќе имаше обезбедено место понатаму, меѓутоа сега ситуацијата е комплицирана. Србија, Белгија и Летонија вкрстуваат со групата на Грција, Турција и Велика Британија. Летонците и Грците пренесуваат седум бода, Белгијците и Турците по шест, а Србите со Британците минимални пет. Во новата група следат шест дуели со ривалите со кои се нема играно, а само две селекции одат на Мундијалот. Со скор од 1-3 (се бришат дуелите со последнопласираните), Србија се доведе во незавидна ситуација и ќе мора да ги добие сите натпревари за да избегне калкулации, но јасно е дека ќе биде тешко.

На останатите терени во групата на Македонија изненадување приреди Грузија со триумф над Шпанија (82-76), Чесите славеа со Литванија (72-83), Италија ја доби Холандија (82-92), БиХ победи против Бугарија (76-73), Црногорците триумфираа кај Португалија (62-77) и Франција ја декласира Унгарија (81-40).