Србија политички го губи евролигашкиот Ф4, но ќе се игра во соседството!

Грчката престолнина Атина и познатата сала „О.А.К.А.“, домот на кошаркарскиот гигант Панатинаикос, се издвојуваат како водечки фаворити за организација на завршниот Ф4-турнир во машката кошаркарска Евролига во 2026 година.

Одлуката треба да биде донесена по гласањето на клубовите-акционери во Евролигата, кое е закажано за утре, 10 септември. Првично гласањето беше планирано за летото, но процесот беше одложен поради административни причини и потребата за дополнителни консултации меѓу клубовите и раководството на лигата.

Атина веќе има значително искуство во организација на вакви големи кошаркарски настани. „ОАКА“ низ годините повеќепати била домаќин на спектакуларни натпревари, а грчката публика е позната по својата страст и енергија која создава уникатна атмосфера на трибините. Токму оваа комбинација ја прави Атина природен избор за организатор.

Според информациите на специјализираното издание Eurohoops.net, кандидатурата на Белград значително изгубила на тежина поради актуелната политичка состојба во Србија. Тоа влијаело врз довербата на дел од клубовите, кои во вакви случаи преферираат стабилна средина и сигурност околу организацијата на еден од најголемите спортски настани во Европа.