Србија ја „здроби“ Литванија и е прв патник во полуфиналето на Мундобаскет

Репрезентацијата на Србија на доминантен начин се пласираше во полуфиналето на Мундобаскетот, откако славеше во четвртфиналниот дуел со Литванија со огромни 87-68. 

„Орлите“ само во првата четвртина им дозволија на Литванците да имаат минимална позитива, но потоа момчињата на Светислав Пешиќ започнаа со силно темпо, на кое балтичката селекција немаше никаков одговор. Одново беше феноменална дефанзивата, а нашиот северен сосед првата поголема разлика ја направи уште во втората четвртина и на полувремето Србија водеше со 49-38. 

Литванските навивачи се надеваа дека нивните миленици ќе заиграат далеку подобро во второто полувреме, но следуваше целосен распад во нивната игра, а Србија е преискусна екипа за да не го искористи тој момент. Филип Петрушев биеше од сите можни страни, а маестрална партија одигра и Богдан Богдановиќ. Српските кошаркари ја добија и третата делница, а во последниот период одиграа чисто рутински и ја заверија убедливата победа со конечни 87-68. 

Најефикасни во победничката екипа беа Богдановиќ со 21 и Петрушев со уште 17 поени, додека кај Литванија прво име беше Седекерскис со 14 постигнати поени. 

Србија е сосема заслужено прв патник во полуфиналето и апсолутно ја оправда улогата на еден од фаворитите за највисок пласман на ова Светско првенство. „Орлите“ повторно се најдоа меѓу четирите најдобри светски селекции и ќе имаат можност да се борат за нов медал од големите натпреварувања. Во полуфиналето го чекаат подобриот од дуелот помеѓу Канада и Словенија.