Србија ја замолкна Атина и преку Грција го освои „Акрополис Куп“!

Репрезентацијата на Србија успеа да го освои традиционалниот „Акрополис Куп“ откако по продолженија, со 80-85 славеше над домаќинот Грција.

Салата во Атина беше полна, Грција диктираше темпо на игра во првиот дел од мечот, додека во вториот, Србија стапи на сцена и со одличен шут го сврте мечот во своја полза. Се играше драматична завршница, во која немаше победник, а истиот го даде петминутно продолжение. Триумфот дополнително добива на тежина, затоа што „орлите“ на располагање го немаа Никола Јокиќ.

Грците водеа во поголемиот дел од натпреварот, меѓутоа Србија во последниот квартал предводена од Бјелица и Богдановиќ се врати во средбата. Имаше нашиот северен сосед и висока предност, но Грција направи серија и дојде на 72-72. Во последниот напад од регуларниот дел не погоди Богдановиќ, па мечот замина во продолженија.

Во екстра-времето, повторно следеше блесок на Богдановиќ и Бјелица и во напад и во дефанзива, за предност од 75-80 на две и пол минути пред крајот, предност која траеше и на десетина секунди пред крајот, поради три погодени слободни фрлања на Гудуриќ.

Најдобар кај победникот беше Богдановиќ со 28 поени, додека Бјелица даде 18 поени. Кај Грција, 20 поени даде Јанис Антетокумпо, а го следеше неговиот брат Танасис Антетокумпо со 17 поени.

За Србија ова беше трета титула по распадот на СР Југославија, прва по 1995 година.