• Горан Упале
Кошаркарската репрезентација на Србија забележа убедлив пораз од Австралија со 84-73 на првиот пријателски натпревар во Абу Даби.
„Орлите“, кои важат за едни од главните фаворити за златниот медал на претстојните Летни олимписки игри во Париз, на овој дуел настапија видно ослабени. Во тимот на Пешиќ беше првата ѕвезда Никола Јокиќ, но отсуствуваа Дејан Давидовац, Никола Јовиќ, Богдан Богдановиќ и Огњен Добриќ, додека на самиот натпревар се повреди Вања Маринковиќ.
Одлучувачки фактор за високата победа на Австралија беше шутот за три поени. „Кенгурите“ погодија десет тројки од 23 обиди, додека Србија имаше 3 од 22 обиди. Најдобар поединец на натпреварот беше Пети Милс со 27 поени. Кај „орлите“ се истакнаа Филип Петрушев со 17, Никола Јокиќ со 14 и Никола Милутинов со 12 поени.
Следен противник на Србија на подготовките во Абу Даби е селекцијата на Соединетите Американски Држави, дуел кој е закажан за в среда од 18:00 часот.