Србија и САД уште во првото коло во Париз, разјаснети и пропозициите за четвртфиналето

Кошаркарскиот турнир се очекува да биде еден од највозбудливите настани на претстојните Летни олимписки игри во Париз. Ждрепката го потврди тоа, бидејќи уште во групната фаза ќе се судрат двете селекции кои се сметаат за најсериозни кандидати за златниот медал – Србија и Соединетите Американски Држави.

А, токму двете селекции ќе се судрат уште во првото коло од групата Ц, на 28 јули. Групната фаза на кошаркарскиот турнир на Олимписките игри ќе се игра во Лил, на стадионот „Пјер Моруа“, додека финалето е во Париз.

Покрај Србија и Соединетите Американски Држави дел од групата Ц се и селекцијата на Јужен Судан како и победникот од квалификацискиот турнир во Порторико. Таму играат домаќинот, Италија, Литванија, Мексико, Брегот на Слоновата Коска и Бахреин.

Откако двете првопласирани од секоја група и двете најдобри третопласирани селекции ќе се квалификуваат во четвртфиналето, ривалите нема да ги дознаат веднаш, туку по пат на ждрепка. Таков беше случајот во Токио во 2021 година, а причината за таквата одлука е да се намали можноста одредени тимови намерно да се обидат да избегнат одредени ривали.

На крајот од натпреварите од групната фаза, сите селекции кои ќе се пласираат во четвртфиналето ќе бидат поделени во четири групи. Во шеширот Д ќе бидат двете најдобри првопласирани екипи, во шеширот Е најлошо првопласираната екипа и најдобро рангираната второпласирана екипа.

Преостанатите две второпласирани екипи ќе бидат во шеширот Ф, а двете најдобри третопласирани во шеширот Г. Тимовите од шеширот Д ќе бидат извлечени со тимовите од шеширот Г. Селекциите од шеширот Е со тимовите од пеширот Ф.

Исто така, треба да се нагласи дека екипи од иста група не можат да играат во четвртфиналето. Тоа значи дека, ако Србија оди понатаму, нема да може веднаш да ги нападне Американците.