Србија го „чкртна“ Јужен Судан за ТОП-8 на ЛОИ, а ја израдува и Грција!

Кошаркарската репрезентација на Србија продолжува понатаму со настапите на Летните Олимписки Игри (ЛОИ). Во дуелот на одлука „орлите“ славеа над Јужен Судан (96-85) и така се зацврстија на второто место веднаш зад максималниот лидер Соединетите Американски Држави.

Доста мачен меч одиграа Србите посебно во одбраната во првото полувреме, кога имаа доста проблеми и му дозволија на Јужен Судан да постигне по 22 поени во првите две четвртини. Мечот беше во егал се до третата четвртина, кога НБА-ѕвездите Јокиќ и Богдановиќ ги зедоа работите во свои раце и донесоа поосетен плус за соседот (65-58).

Но, Јужен Судан не се предаде, врза пет поени преку Џонс и Јок и пак се врати во средбата во Франција (65-63). Пак клуч за Србија беше Јокиќ, кој поентира, а потоа на сцена стапија и Аврамовиќ и Јовиќ кои ја однесоа селекцијата на највисоки плус девет (72-63). Во последните десет минути, искусен тим како Србија не дозволи да си го прокоцка плусот кој тешко го заработи. На крај славеше со убедливи 96-85.

Богдановиќ со 28 и Јокиќ со 22 поени беа најпрецизни во српскиот табор, додека за поразениот тим се истакна Џонс со 17 поени. 

Покрај Србија и Соединетите Американски Држави од групата Ц, во четвртфиналето се наоѓаат уште Канада и Австралија од групата А, Германија и Франција од групата Б, како и Бразил и Грција како најдобри две третопласирани селекции од трите групи.