Србија доживеа тежок пораз среде Белград и остана без настап во Токио!

Србија запиша негативен резултат на домашен терен во Белград и остана без настап на Летните Олимписки Игри во Токио. Нов патник на олимпискиот турнир е Италија (95-102) која се израдува на дуелот со српските репрезентативци.

„Азурите“ им одржаа лекција на ривалите на спротивната страна. Одиграа речиси перфектно во првите три четвртини и стекнаа недостижна предност за домашните кошаркари.

Веќе на пауза Италијанците заминаа со +12 (45-57), но не застанаа тука. Продолжија во идентично темпо и во третиот квартал, па си го отворија патот до победата. Србите имаа големи проблеми во одбраната, а и нападот имаше очајна вечер.

Италија одигра сигурно до крај и ја одбрани позитивата. Најзаслужен за тоа беше Манион со 24 поени. Го следеше Полонара со 22, а за српската селекција се истакна Анџушиќ со 27 поени.

На останатите квалификациски турнири се израдуваа Словенија и Германија, а Чешка и Грција ќе го дадат последниот патник во Токио.