ВИДЕО: Спектакуларен меч на Дончиќ, Торонто со осум играчи и по три продолженија славеше во Мајами

Кошаркарите на Далас Маверикс запишаа нова голема победа во НБА лигата, откако со убедливи 29 поени разлика беше совладан тимот на Индијана Пејсерс.

Лука Дончиќ одново го привлече вниманието на кошаркарската јавност, затоа што одигра брилијантен натпревар и постигна неколку спектакуларни погодоци. Домашните кошаркари уште од самиот почеток го диктираа ритамот на игра и целосно го контролираа натпреварот, па по воведните 12 минути поведоа со 34-23. Во вториот дел Пејсерси одговорија и дојдоа до кош негатива (57-55), но потоа следуваше нова серија на Маверикси и атрактивна тројка на Дончиќ со звукот на сирената за 72-60.

Ниту во второто полувреме Индијана не најде решение за разиграните домаќините, па на крај беше убедливо поразен со 132-105. Словенечкиот ас беше прв стрелец на натпреварот. Постигна 30 поени, а имаше и 12 асистенции и шест скока. Кај Далас солиден беше и Булок со 23 поени, додека во поразениот тим Вашингтон имаше 22, а Сабонис 21 поен.

Голден Стејт Вориорс го надиграа Бруклин Нетс со 110-106 и со тоа го оствари петтиот последователен триумф во елитата.

Клеј Томпсон на 12 секунди до крајот погоди тројка и го одведе својот тим на 107-103. На спротивната страна Ирвинг идентично одговори за 107-106, но во последните секунди Стеф Кари и Томпсон од линијата за слободни фрлања го поставија конечниот резултат.

Ендрју Вигинс постигна 24 поени за „воините“, Стеф Кари имаше 19 поени, додека Клеј Томпсон постигна 16 поени. На другата страна најдобар беше Кајри Ирвинг со 32 поени.

Возбудлив натпревар се одигра во Мајами, каде домашниот тим по три продолженија беше поразен од Торонто Репторс со 120-124.

Гери Трент ги предводеше Репторси со 33 поени, Скоти Барнс постигна 22, а Сијакам броеше до 21. Треба да се напомене дека Торонто овој натпревар го одигра со осум играчи. Кај Мајами Џими Батлер постигна 37 поени, а имаше и 14 скока и 10 асистенции, додека Гејб Винсент додаде 17 поени.