Спектакл во Њујорк, Вембањама го врати Сан Антонио во НБА-финалето

Сан Антонио остана во игра за шампионскиот прстен во НБА лигата откако славеше со 115-111 на гостувањето кај Њујорк Никс и ја намали негативата во финалната серија.  За Никс ова беше прв пораз по фантастичната серија која траеше 46 дена. Тимот од Њујорк претходно нанижа 13 победи во плејофот и изгледаше незапирливо на патот кон првата титула од 1973 година.

Херој на Спарс беше Виктор Вембањама, кој одигра уште еден извонреден натпревар и го предводеше својот тим со 32 поени, осум скока и шест асистенции. Французинот ја запиша својата прва победа во НБА финале и му донесе надеж на Сан Антонио дека серијата сè уште може да биде свртена во нивна корист. Покрај Вембањама, значаен придонес даде и Стефон Касл со 23 поени.

Кај Никс најрасположени беа Џејлен Брансон со 32 поени и Оу Џи Ануноби со 28, но тоа не беше доволно за да се избегне поразот. Карл-Ентони Таунс имаше скромен учинок од 11 поени, додека Микал Бриџис се соочи со проблеми поради личните грешки. По натпреварот, тренерот на Никс, Мајк Браун, изрази незадоволство од судењето, посочувајќи дека во второто полувреме гостите изведоа 24 слободни фрлања, наспроти само осум за неговиот тим.

И покрај победата, Сан Антонио сè уште се соочува со огромен предизвик. За да ја освои титулата, тимот ќе треба да направи нешто што никогаш досега не се случило во историјата на НБА, да триумфира во финална серија по два порази на домашен терен на стартот. Следниот натпревар повторно ќе се игра во Њујорк, каде Никс ќе имаат нова можност да се доближат до долгоочекуваната шампионска титула, а Спарс ќе се обидат целосно да ја вратат неизвесноста во серијата.