Спектакл во најава: Дончиќ се враќа во Мадрид

Екипите на Реал Мадрид и Далас Маверикс закажаа пријателски натпревар, а оваа вест дојде како позитивно изненадување, особено за фановите на „кралскиот клуб“. 

Ова ќе биде прв натпревар помеѓу екипи од Евролигата и НБА клубовите по 2016 година, а Реал ќе ја има честа да го нагости тимот на првата словенечка ѕвезда, Лука Дончиќ.

Информацијата ја потврди и официјалниот веб-сајт на Евролигата, а овој меч ќе ја одбележи 35-годишнината од првото гостување на НБА екипа во Шпанија. Тогаш, во далечната 1988 година, Бостон Селтикс пристигна во Мадрид и одигра мечеви против Реал Мадрид и репрезентацијата на поранешна Југославија. 

Пред настапот во Мадрид, Далас Маверикс ќе одиграат уште два ревијални меча во Абу Даби, против екипата на Минесота Тимбервулфс.

Враќањето во Мадрид ќе биде прекрасна прилика за шпанската публика со овации да го пречека Лука Дончиќ, кој токму во дресот на „кралевите“ ја освои Евролигата. Последната сезона за Словенецот во Европа му го донесе МВП признанието, како и титулата во елитното кошаркарско натпреварување.