Спектакл на Симоновски, МЗТ ќе игра за титула на турнирот во Романија

Македонскиот шампион МЗТ Скопје ќе игра за титула на пријателскиот турнир во Романија, откако во првиот натпревар убедливо славеше над унгарски Солнок (115-94).

„Штрковите“ триумфот го обезбедија во вториот и третиот период, кои заедно ги добија со 18 поени разлика (58-40). Последната четвртина беше само рутинско одработување на задачата, а тренерот Ѓорѓи Кочов дури имаше и можност да им даде шанса на помладите по достигнување на највисокото водство од плус 29 (105-76).

Оваа средба засекогаш ќе ја памети македонскиот репрезентативец Марко Симоновски, кој речиси сигурно го одигра најдобриот меч во досегашната кариера со 42 постигнати поени и дури 12 постигнати тројки со само пет промашувања.

Американецот Џабари Хиндс средбата ја заврши со 21 поен и девет асистенции, додека Нуни Омот постигна 15 поени, а Андреј Маслинко 12 поени. Андреј Магдевски средбата ја заврши со девет поени, Марин Морнар постигна шест, Дамјан Стојановски и Бојан Крстевски по четири, а Иван Волкановски два поени.

„Металците“ утревечер ќе ги одмерат силите со организаторот Орадеа (18 часот) и тоа за победничкиот трофеј, откако овој тим вчера исто така беше подобар од унгарскиот претставник на турнирот.