Соколов: Ќе дадеме сè од себе со победа да ја завршиме АБА сезоната

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје вечерва го игра последниот натпревар од АБА лигата. „Металците“ ќе му гостуваат на Морнар, а нивна единствена желба е ова регионално натпреварување да го завршат со победа и затоа ветија дека ќе дадат сè од себе за да се оствари тоа. 

„Нема што многу да зборувам за нашиот противник, освен дека е тим кој е меѓу четири најдобри во оваа силна конкуренција. Со тоа сè е кажано. Сепак, ветувам дека ќе го дадеме максимум и ќе одиграме борбено и пожртвувано. Ова е последен меч во АБА сезонава и верувам дека тоа ќе ни биде дополнителен мотив да се покажаме во најдобро светло“, изјави Дарко Соколов.

Тренерот Желку Лукајиќ пак вели дека овој дуел ќе го искористи за подготовка за финишот на сезоната во домашното првенство

„Сите сме свесни дека ова ќе биде тежок натпревар, Морнар оваа сезона игра одлично и има квалитетни кошаркари на сите позиции, а доказ за тоа е пласманот во полуфиналето на АБА-лигата. Без разлика што средбата нема резултатско значење и што во неа традиционално влегуваме ослабени, оваа средба ќе ја искористиме за подготовка за финишот на сезоната во домашното првенство“, истакна тренерот на аеродромци. 

Натпреварот меѓу Морнар и МЗТ Скопје на програмата е вечерва со почеток од 19.00 часот, а ќе можете да го гледате во живо на ОВОЈ линк.