Соколи го загубија прволигашкото дерби, Бутел остана максимален!

Кошаркарскиот клуб Бутел го доби дербито во Првата лига - група Б против Соколи Штип со 77-71 и остана непоразен по четири кола кај второлигашите. Дербито во салата „Иван Хаџи-Николов“ во скопската населба Радишани му припадна на домаќинот и еден од кандидати за највисок пласман во тековната сезона. 

Се одигра доста израмнет натпревар. На почетокот Бутел тргна подобро, ама потоа штипјани влегоа во ритам и направија пресврт, па поведоа. Следуваше реакција на домашните и враќање во мечот, а потоа втората и третата четвртина се играше егал. 

Ниту еден тим не успеваше да се одлепи до завршницата, а во последниот период почесто водеше домашниот претставник. Водеше Бутел 66-60, но Соколи се изборија за драма на крајот. Пријде гостинот од Штип на 71-69 во последната минута, меѓутоа бутелци ја издржаа пенал-завршницата и стигнаа до победата. 

Бутел им го нанесе првиот пораз на Соколи, стигна до скор 4-0, а максимален е и Навико Академија ФМП кој денес го игра својот меч од четвртото коло против Овче Поле.