• Горан Упале
Koшаркарската селекција на Македонија во ноември ќе ги продолжи настапите во квалификациите за следното Европско првенство. Следуваат два натпревари со Литванија, првиот на домашен терен, а потоа на гости.
Кошаркарската федерација на Македонија имаше желба овој натпревар да се игра во Куманово, во салата која што моментално се реновира и ќе добие модерен сјај. Сепак, поради проблемите со греењето пропадна оваа желба на КФСМ и дуелот со Литванија ќе го играме во „Кале“. Ова го потврди првиот човек на КФСМ – Перо Антиќ.
„Желбата на сите ни беше новата сала во Куманово да ја пробаме. Но, има проблеми со греењето. Ќе се игра во СРЦ „Кале“. Пробавме со „Борис Трајковски“, не сме добиле ниту телефонски одговор. Моравме да пријавиме сала, така што тоа ќе биде „Кале“ затоа што рокот беше до вчера“.
Генералниот секретар Владимир Георгиевски додаде дека нивната цел е сите градови да бидат зафатени со кошаркарски натпревари, но моментално такво нешто не е возможно.
„Сакавме сите градови да ги зафатиме, тоа е желбата. Сите да гледаат репрезентативна кошарка и се повеќе да се играат настани, да го децентрализираме тоа, но сега за сега ограничени ни се можностите за такво нешто“, рече Георгиевски.
Натпреварот со Литванија се игра на 21 ноември во Скопје, додека „реваншот“ е закажан за по три дена. По две одиграни кола Македонија има една победи и еден пораз, исто како и Литвенија.