Смит: Татко ми ми дава НБА-совети, гладен сум за успех во Македонија

Gol.mk ексклузивно интервју

ТФТ е новајлија во прволигашката конкуренција во Македонија, но управата на клубот работи активно и на пазарот не може да се забележи разлика од останатите долгогодишни прволигаши. Најновата аквизиција на тимот од Тафталиџе е Амир Смит, 22-годишен кошаркар од САД и син на НБА-легендата Џо Смит, инаку прв пик на драфтот од 1995 година.

Во интервју за Gol.mk, Амир Смит и неговиот агент Дишон Харис говореа за новиот предизвик кој следи. Претставникот на кошаркарот, инаку релативно млад и амбициозен агент, вели дека било чест да се преговара со ТФТ и двете страни лесно се договориле Смит да се одлучи на трансфер во Македонија.

„Нашата агенција „Инструсив“ секогаш има достапна анализа во целост за нашите играчи. Имаме одлична логистика која ни овозможува да обезбедиме се што им е потребно на нашите соработници. Кога говориме за Амир Смит, меѓу колеџите тој беше оценет како „одличен“, со ефикасност од 84%. По разговорите со ТФТ знаевме дека Амир е алката која му фали на тимот, па дојдовме лесно до договор, беше задоволство да се преговара со претседателот Боро Смилковски кој одлично ја разбира кошарката и знае да процени кога се говори за добар кошаркарски талент. Не е ова прв трансфер кој го правиме од САД во Европа, ние сме дел од Националната кошаркарска унија на играчи и чести се овие трансфери кога говориме за нашата агенција“, вели Дешон Харис.

За агенцијата на Харис, ова ќе биде прв трансфер од САД во Македонија, но според најавите, нема да биде последен.

„ТФТ е првиот македонски клуб со кој успеавме да постигнеме договор за еден наш кошаркар, но и други кошаркарски клубови од вашата земја не контактираа околу нашите клиенти. Затоа, можам да кажам дека верувам во нова соработка со кошаркарските клубови од македонскиот пазар. Од она што го знам е дека Македонија е земја во која кошарката е доста популарна. Опсесијата на земјата која некогаш беше меѓу најдобрите во Европа со овој спорт дава за обврска Македонија да гледа квалитетна кошарка во иднина“, додава агентот на кошаркарот.

Договорот меѓу кошаркарот и клубот според најавите е на една година, но Харис не можеше многу да зборува за условите.

„Не можеме да разговараме за договорот и неговите услови. Очекуваме Амир да пристигне во Македонија пред крајот на септември или почетокот на октомври. Тој е возбуден што ќе има шанса да игра за новиот проект ТФТ и пред македонската публика“, заврши претставникот.

Амир Смит, пак, е возбуден што ќе има шанса да игра надвор од САД. Вели дека отсекогаш сакал да патува низ светот, а не верувал дека некогаш ќе заврши да игра во европска земја како Македонија.

„Ова ќе биде моја прва авантура надвор од САД. Го живеам највозбудливиот момент од мојот живот затоа што правам нов чекор во кариерата. Отсекогаш сум сакал да патувам низ светот и да се запознавам со другите народи и култури. Никогаш не мислев дека ќе завршам во Македонија, но, ете, професионалниот пат е таков. Чув многу добри работи за земјата, имам пријатели од Србија и од Бугарија кои ми кажаа дека се работи за одлична земја. Сигурен сум дека Скопје многу ќе ми се допадне“, го започна разговорот Смит.

ТФТ ќе му биде прва странска екипа во кариерата, а иако е новајлија во најквалитетното друштво, Смит ветува борба на секој натпревар.

„ТФТ е нов тим во македонската кошарка, но проектот ми се допаѓа. Едвај чекам да дојдам и да станам дел од овој проект, цел ми е да го направиме овој кошаркарски клуб да биде меѓу најдобрите во земјата“, додава кошаркарот.

22-годишникот инаку е син на НБА-легендата Џо Смит, некогашен играч на Детроит, Чикаго, Кливленд, ЛА Лејкерс... и прв пик на НБА-драфтот во 1995 година. Вели дека е горд што го има татко му за идол и за тутор и дека од него учи секојдневно.

„Мојот татко е прекрасен човек, вистински пример за кошаркарски идол и за тутор, чест ми е што го имам крај себе. Ми помогна многу да се развијам како кошаркар, ме научи многу работи што може да се научат само во НБА-лигата. Тој е пример и тренер каков што секој човек може да посака. Постои притисок да си син на НБА-легенда како што е тој, но исто така е и предност. Секој ден работам да бидам кошаркар каков што беше тој, па дури и подобар од него. Но, секако, тоа е многу тешко. И покрај се јас го сакам предизвикот, секогаш целам да сум подобар“, раскажа Смит.

Американскиот кошаркар вети дека ќе го дава максимумот на терен за ТФТ, но кои се неговите специјалности на теренот и што може публиката да очекува од него?

„Како мои специјалности на теренот можам да ги посочам блокадите, скоковите и забивањата. Работам со мојот татко да бидам универзален играч на теренот, да се снаоѓам во секој момент, можам да ветам дека кога ќе дојдам во Македонија, фановите на кошарката ќе може да гледаат еден играч полн со енергија, желба за борба и еден кошаркар гладен за победи“, открива тој.

Пред да потпише за екипа од Македонија, Смит се консултирал со поранешни играчи во нашата држава, како и со други луѓе од Балканот, а препораките биле само позитивни.

„Зборував со повеќе кошаркари што настапувале во Македонија пред да потпишам со ТФТ, за да ми помогнат и да ме подучат како се станува успешен кошаркар надвор од границите на САД. Сите ми дадоа исти совети. Кога ќе пристигнам во Македонија ќе се фокусирам на нив. А, тоа е да бидам подобар од ден во ден. Ништо повеќе, ништо помалку“, е ставот на Смит.

За македонскиот шампионат не знае многу, но првичните информации се позитивни - дека има многу силни екипи, на кои ТФТ во деби-сезоната ќе се обиде да им покаже „заби“.

„Македонската лига ќе биде одличен предизвик за мене, таму има одлични екипи. Но, како што кажав и претходно, јас ги сакам предизвиците. Знам дека ако сите работиме како едно и ако целиот тим ја чувствува истата енергија на теренот, ние ќе можеме да го победиме секој противник“, го заврши Смит интервјуто со Gol.mk.

Новата сезона во македонската кошарка се очекува да стартува во месец октомври. Засега, она што се знае е дека натпреварите ќе се играат без публика, но останува да видиме каква ќе биде тогаш ситуацијата со коронавирусот и дали гледачите во живо ќе може да уживаат во „магијата“ на новиот прволигаш од Тафталиџе.