• Саше Љолес
Драмата со инцидентот помеѓу Џејмс Нанели и Стефан Лазаревиќ добива нови димензии. Откако Американецот даде изјава во полициската станица, истото го стори и Џејлен Смит, кој додаде малку „масло на огнот“ и изнесе нови интересни информации за јавноста.
Смит вели дека Лазаревиќ бил всушност тој што делувал највоинствено од сите, а воедно рече дека српскиот кошаркар во еден момент се обидел да го удри и него.
„Додека одевме во ходникот, јас се шегував со Нанели на сосема други теми, а во тој момент се појави Лазаревиќ и го праша зошто го давел на вториот натпревар. Нанели го праша што не е во ред, а потоа Лазаревиќ го фати за вратот.
Нанели се обиде да го оттурне и да се ослободи, а потоа и го удри во лицето. Мојот соиграч загуби рамнотежа и падна на подот, по што Лазаревиќ му се нафрли одозгора и почна да го удира. Додека се обидувавме да ги раздвоиме, Лазаревиќ се обиде да ме удри и мене, но ме промаши“, изјави Смит.
Според српските медиуми, двата клуба се обидуваат да ги смират страстите, но полицијата мора да го истражи случајот. АБА лигата се огласи дека нема да ги казни кошаркарите, но и таа можност не е исклучена. За потсетување, Црвена Звезда со „метла“ го збриша Партизан и повторно се искачи на тронот во јадранското друштво.