Смилковски: Втората четвртина и онаа 0-18 серија се причина за поразот

ТФТ го доживеа четвртиот пораз во АБА-2 лигата. Подобар од тафталиџани беше екипата на Крка Ново Место (93-83), а по натпреварот тренерот Боро Смилковски ги сподели импресиите и го коментираше вториот натпревар во балонот во Сараево.

„Беше добар меч, уште едно искуство за нас, како што споменавте до сега клучна беше втората четвртина, беше 18-0 серија на Крка и во тие моменти го имав искористено тајм-аутот. Направивме доста грешки кои не извадија од ритам, пет до шест минути бевме без поени. Во третата четвртина се обидовме да се вратиме во игра, се вративме во еден момент на шест поени негатива, ама искусен ривал како Крка го приведе дуелот кон крајот. Она што сакам да го истакнам дека играчите од ротацијата покажаа агресивност, тоа е плус за нас, особено што имаме скратена ротација, а играме на турнир со три меча во пет дена. Се надевам дека на последниот меч тука ќе покажеме подобра партија против Слога“, изјави Смилковски.

ТФТ последниот меч во балонот во Сараево го игра во петок од 21:00 часот.