Смилковски: ТФТ покажа карактер, иако имавме голем пад во играта

Кошаркарите на ТФТ Скопје се радуваа на победа против Осијек, иако имаа голем пад во играта и за малку не прокоцкаа двоцифрена позитива. На крајот избраниците на Боро Смилковски ја задржаа концентрацијата и ја добија драмата, а стратегот по мечот беше среќен за победата. 

„Мислам дека заслужено го добивме овој натпревар, го контролиравме резултатот во најголемиот дел од средбата. Имавме пад на концентрацијата, промашивме некои слободни фрлања, ни се случија неизнудени грешки, но сепак успеавме да го затвориме мечот. Среќен сум што екипата покажа карактер по два неуспеси, особено по катастрофалното полувреме со Широки. Играчите беа добри со енергијата, се бореа и заслужено се радуваа. Можеби не успеавме да го исполниме зацртаното, дојдеме до две или можеби и три победи за да имаме шанси за плеј-оф, ама ТФТ ќе има што да каже и на последниот балон“, кажа Смилковски. 

Клубот од Тафралиџе ја забележа третата победа во десеттото коло на АБА-2 лигата, па шансите за место меѓу осумте најдобри се минимални.