Смилковски: Респект за Борец, но сакаме победа за крај на годината

Кошаркарите на ТФТ Скопје ќе ја затворат 2025 година со гостување кај Борац Бања Лука во АБА-2 лигата. Во пресрет на натпреварот својот став го сподели тренерот Боро Смилковски. Тој повика на претпазливост и ги посочи главните работи на кои ќе мора да се внимава.

„Ова е последен натпревар од една доста успешна година за нас на резултатски и организациски план. Со апсолутен респект за Борац кој има континуитет и искуство во АБА-2 лигата, сепак имаме респект и кон својата работа и квалитет. Очекуваме да бидеме во своето најдобро издание. Доколку успееме да го исконтролираме скокот и имаме соодветна енергетска реакција на агресивноста на ривалот, можеме да се надеваме на добар резултат“, изјави Смилковски.

Освен тренерот на ТФТ, своите очекувања ги изнесе и Никола Василевски кој кажа:

„Нè очекува тежок и неизвесен натпревар против екипата на Борац, противник познат по својата цврстина во одбраната. Нашата цел е да дадеме максимум, да го испочитуваме договореното. Имаме респект за противникот, но верувам дека ќе победиме на оваа средба“.

Натпреварот ќе се одигра во СЦ „Борик“ во Бања Лука во терминот од 18:00 часот.