• Мартин Танасковски

Екипата на ТФТ Скопје со победа над Пелистер ги заврши настапите во регуларниот дел од Првата лига, а со тоа ја освои позицијата број два на табелата која носи и предност на домашен терен во првата фаза од разигрувањето на патот кон финалето.
Тренерот Боро Смилковски е задоволен од постигнатиот учинок од првиот дел, кој е рекорд за ТФТ, затоа што тимот никогаш досега не завршил на втората позиција на табелата. Пред него е само МЗТ Скопје, кој од позицијата број еден влегува во плеј-офот.
„Во нешто што требаше да биде година на реконструкција за нас, каде би составиле ростер со млади играчи кои треба да го понесат товарот за иднината, ни се случи Дерик Говенс во текот на летото. Со самото тоа, повлече уште доста работи за понатаму, за во моментов да ја обезбедиме позицијата број два и ми се чини дека ова е рекорд за нас, првпат сме втори во историјата. Имаме предност со домашните натпревари, ќе дадеме се од себе за првпат да дојдеме до финалето и да се бориме за титулата“, ни изјави Смилковски.
Македонскиот шампионат покажа доста изненадувања, а следен ривал за ТФТ ќе биде екипата на Чаир 2030, која двапати ги победи тафталиџани во актуелната сезона.
„Сезонава носи многу изненадувања на терен, не се знае што те чека. Ние бевме први на крајот на есенскиот дел, па загубивме во Купот од Гостивар. Имаме 3-1 скор против Работнички и МЗТ Скопје, двапати го победивме Работнички, а еднаш МЗТ, имаме 0-2 скор против Чаир, екипа која ни следи во плеј-офот. Лигата е доста израмнета, сите кои се од првото до осмото место не би било изненадување, да ни дадат некое изнеандување. Затоа ќе одиме чекор по чекор, стоиме цврсто на земја и внимателно влегуваме во плеј-фот, со две победи по ред и со добра атмосфера и се надевам дека ќе го искористиме овој „хајп“ на најдобар можен начин“, додаде тренерот на ТФТ.
Тимот лошо отвори со Пелистер, со шут 0/7 за три, но потоа почна шутерското шоу и четирите тројки по ред го свртија дуелот во полза на домаќинот во СРЦ „Кале“.
„Имавме дел од подготовката за мечот, во која не сакавме да зависиме од промашени или дадени шутеви на почетокот на натперварот. Мислам дека можевме да бидеме подобри во креатива, особено во „пик ен рол“ играта. Како да се чувствуваше некоја нервоза кај нас, но во моментите кога успеавме да креираме контакти во рекетот и да ја собереме одбрраната, како и да имаме подобра дистрибуција на топка, да го добиваме тој последен пас кој ние тренерите го сакаме, почнавме да поентираме. Дотогаш, се баравме себеси. Кога фативме ритам, сето тоа добро го изнесовме. Одличен момент во тие минути имаше Иван Сапунџиев кој влезе во игра и го смени натпреварот, иако заради ротациски и тренерски одлуки можеби не доби шанса во второто полувреме, меѓутоа неговата улога во првото полувреме беше извонредна“, објасни тренерот на македонскиот тим.
Серијата меѓу ТФТ и Чаир 2030 се игра до три победи, а тафталиџани се домаќини на првите две средби со тоа што воведниот натпревар е предвиден за следниот викенд. Во евентуалното полуфинале, пак, ТФТ би се сретнал со подобриот од четвртфиналната пресметка помеѓу Работнички и Пелистер.