• Мартин Танасковски

Македонскиот кошаркарски суперлигаш ТФТ Скопје со голем респект, но и оптимизам, ја очекува плеј-ин серијата против Борац Чачак за место во АБА 1 лигата. Тренерот на ТФТ, Боро Смилковски, истакна дека неговиот тим се наоѓа во исклучително тежок ритам на натпревари, но дека дуелите со Борац претставуваат уникатно искуство и можност за потврда на сработеното.
„Нè очекува плеј-ин серијата со Борац во пеколна динамика на натпревари за нас, веќе повеќе од еден месец. Станува збор за сериозен предизвик против екипа и град со голема кошаркарска традиција. Имаат ростер полн со талент од регионот, многу играчи се производ на нивната школа, дополнети со искусни кошаркари со долга кариера во АБА 1 и сериозно кошаркарско CV. За нас ова е уникатно искуство против екипа од рангот каде што сакаме да бидеме. Пред сè се надевам дека ќе презентираме добра и модерна кошарка и преку тоа ќе ги афирмираме нашите резултати. Подготвени сме да го дадеме максимумот, но свесни сме дека за евентуален успех ќе ни треба нашето најдобро издание досега, можеби и повеќе од тоа“, изјави Смилковски.
Свој став пред серијата даде и кошаркарот Виктор Ташовски.
„Загубивме во финалето од Широки, но имаме уште една шанса за влез во АБА 1. Ја респектираме екипата на Борац Чачак, тие се фаворити во овој бараж, но ние нема да се откажеме од сонот за влез во АБА 1 и ќе се обидеме да направиме историски успех“, порача Ташовски.
Првиот меч од серијата која се игра до две победи се игра во Чачак. Дуелот е закажан на 7 мај со почеток од 20:30 часот.



