Смилковски: Ни фалеа шест играчи, но одигравме достојно

Екипата на ТФТ Mozzart продолжи со поразите во АБА-2 лигата и во претпоследната рунда загуби во натпреварот од Борац (75-91). Македонскиот тим со претходниот пораз од Горица ги загуби и теоретски шансите за плеј-оф, па така овој и следниот ќе послужат за искуство за следните предизвици.

По натпреварот, тренерот Боро Смилковски даде коментар на средбата, втора од „балонот“ и истакна дека е задоволен од она кое го видел ако се земе предвид здравствениот билтен кој го имал тимот пред овој меч.

„Морам да кажам дека сум задоволен како игравме. Се плашев како ќе изгледаме затоа што ни фалат пет до шест играчи, од кои четири се од стартната петорка. Она кое го барав од играчите пред стартот е да го претставуваат нашето и нивното име и да одиграат енергично на теренот. Мислам дека иако противникот го контролираше резултатот 40 минути, ние цело време бевме на неколку топки и баш сме задоволни од изданието. Дадов шанса и на некои играчи кои ги забележаа првите минути, што сигурно ќе биде мотив плус за домашното првенство преку кое целта ни е пак да играме во АБА-2 лигата“, изјави Смилковски.

Последниот натпревар за ТФТ во АБА-2 лигата е закажан на 11 март. Скопскиот клуб оди на мегдан со Хелиос Санс.