Смилковски: Немавме време да ја прославиме победата над Пелистер, нè чека тежок меч во Куманово

Македонските претставници ви БИБЛ лигата Куманово и ТФТ Скопје, денес повторно ќе се судрат за бодови, но овој пат во рамки од Првата кошаркарска лига на Македонија.

Во првото коло од вториот круг, домаќин ќе биде Куманово, клуб кој од пред некој ден е во потрага по нов тренер, откако реши да ја раскине соработката со Владимир Мирковски. Еден од најдобрите играчи на Куманово во досегашниот дел од сезоната, Горјан Марковски вели дека денес ќе се судрат против екипата која е најпријатното изненадување оваа сезона.

„Играме против екипа која е најпријатно изненадување во Првата лига и никако не смееме да ги поттцениме. Добро се познаваме, досега имаме одиграно три натпревари. Како во Балканската лига така и во домашното првенство. Нивно главно оружје е контранападот. И најопасни се во таа ‘отворена игра’. Доколку им ја запреме транзицијата, и секој од нас даде максимум како во одбрана, така и во напад се надевам на позитивен резултат“, вели Марковски, за веб-страницата на КФСМ.

ТФТ дефинитивно е хит на првенството, а тоа го докажа со победата над лидерот Пелистер. „Црно-белите“ играат одлично, и во една таква атмосфера патуваат за Куманово.

„Буквално немавме време да се израдуваме на победата против Пелистер бидејќи веќе во недела навечер нè очекува дуелот со Куманово кој што сигурно, резултатски е од поголема важност. Имавме доволно време да се подготвиме за истиот и ќе бидеме подготвени за истиот. Ќе го дадеме својот максимум. И ќе пробаме да го искористиме моментумот и добрата форма во која се наоѓаме во овој момент“, вели Боро Смилковски.

По десет некомплетни кола ТФТ Скопје е на третата позиција на табелата со шест победи и три порази, додека Куманово е седми со четири триумфи и три порази.