• Мартин Танасковски
Кошаркарите на ТФТ Скопје ја загубија финалната серија против Широки во АБА2 лигата, откако забележаа уште еден пораз, овој пат со конечен резултат 86-87. По вториот натпревар во Скопје, тренерот Боро Смилковски ги сподели импресиите, им честита на актерите за изданието и вели дека неговиот тим нема за што да жали.
„Кошарката е спорт во кој некој треба да победи, некој да изгуби. За жал, денес ние сме тие, во едно навистина ми се чини одлично финале, одлична борба и одличен натпревар. Ние сме тие кои што го загубивме овој натпревар, меѓутоа исто така навистина без задршка сум многу горд на нашите момци, на нашата екипа, затоа што апсолутно немаме ништо за што да жалиме. Мислам дека апсолутно, што се однесува на секоја борба и секоја емоција, ја оставивме на теренот. Честитам на екипата на Широки.
Околу самиот натпревар, во еден ваков натпревар, во една ваква завршница, можеби не е потребно да се збори за деталите, иако мислам дека дозволивме доста поени од втора шанса, офанзивен скок, особено во второто полувреме и можеби малку паднавме со дисциплина во обид да оствариме притисок на топка во предно поле, дозволивме некои транзициски „пик-ен-рол“ кои што успеаја да креираат некои шутеви.
Тоа што би сакал да го потенцирам е – мислам дека Скопје и Македонија кошаркарски победија, затоа што бевме сведоци на една одлична атмосфера, на публика и на многу луѓе кои препознаа потреба да дојдат и да нè поддржат во нашиот пат, во ова наше финале.
За нас овој АБА пат не е готов. Веќе следната среда започнува тоа разигрување со екипата на Борац, која што беше претпоследно пласирана од АБА 1 и тоа е некоја втора шанса која што би ја имале во нашата цел да се пласираме во АБА 1 натпреварувањето.“, изјави Смилковски.
За ТФТ не завршува историската сезона во АБА2 лигата, зашто ќе има нова шанса против Борац Чачак (претпоследен тим во АБА1), додека Широки обезбеди пласман меѓу најдобрите во јадранската елита и следната сезона ќе се натпреварува еден ранг погоре.

