• Мартин Танасковски
Вицешампионот во АБА 2-лигата, ТФТ Скопје, доживеа тежок пораз на стартот од новата сезона во регионалното натпреварување. Скопскиот тим гостуваше кај Слобода Тузла со само шест кошаркари и загуби убедливо со 106-61, но резултатот остана во сенка на проблемите со регистрацијата на дел од играчите.
По натпреварот, тренерот на ТФТ, Боро Смилковски, отворено го изрази незадоволството од организацијата на АБА-лигата. Според него, клубот навреме ги завршил потребните процедури за регистрација, но делегатот на натпреварот добил список на кој недостасувале американските кошаркари на македонскиот претставник.
„Девет години сум тренер на ТФТ. Долго време учествуваме во АБА, многу ни е дадено, ама и ние многу дадовме и никогаш не сме направиле проблем. Она што се случи денеска е многу чудно“, изјави Смилковски.
Тренерот откри дека клубот првично имал намера воопшто да не настапи на натпреварот, но одлуката била променета поради почитта кон домаќинот и публиката, како и по барање на самите кошаркари на кои не им било дозволено да играат.
„Упатствата од нашиот клуб беа да не излеземе на терен, но поради публиката, поради Слобода Тузла како организација, а најмногу поради тоа што играчите што не добија дозвола за настап побараа сепак да се игра“, откри тренерот на ТФТ.
Смилковски најави дека клубот подготвува правни чекори поради спорната одлука. Тој нагласи дека, покрај спортскиот аспект, најмногу го погодил односот кон клубот и чувството дека ТФТ не добил соодветна почит.
„Најголема победа за нас денеска е тоа што ниеден играч не се повреди. Можам да ви покажам докази дека ние не сме добиле никакво соопштение дека некој нема право на настап. Поминавме 700 километри и се чувствуваме навредено“, порача Смилковски.
Така, наместо почеток на сезоната со фокус на кошарката, гостувањето во Тузла за ТФТ се претвори во сериозна организациска и спортска непријатност, по која клубот најавува дека ќе бара одговори и ќе ги искористи правните механизми што му стојат на располагање.




