• Саше Љолес
Тренерот на македонскиот суперлигаш ТФТ Скопје, Боро Смилковски, изрази огромно задоволство од пласманот на неговиот тим во полуфиналето на АБА 2 лигата, каде стигна со значајна победа над Златибор Чајетина на гостински терен (80-90).
Екипата од скопско Тафталиџе напправи уште еден исчекор во клупската историја и првпат ќе се најде меѓу четирите најдобри во едно регионално натпреварување.
„Ова е неверојатно чувство, затоа што испишавме историја за нашиот клуб. Ми недостасуваат зборови да ја искажам среќата што ја чувствувам. Пофалба за сите играчи, но и за младиот Стојанов, кој имаше одличен пристап во мечот и ги инспирираше своите колеги.
Можеби клучна беше првата четвртина, кога покажавме агресивност на бековската линија, а воедно успеавме и да создадеме значајна предност. Златибор успеа да се врати во мечот, но и ние имавме свои адути на паркетот.
На мечот во Скопје се најдовме во деветтиот круг на пеколот, губевме со 16 поени разлика, но моите играчи не престанаа да веруваат и одиграа маестрално.
Од натпревар во натпревар, веруваме во нашиот капацитет. Самодовербата во моментов ни е на високо ниво. Полуфиналната серија започнува следната недела, ќе дадеме максимум од можностите за уште еднаш да ја израдуваме Македонија и да испишеме нова клупска историја“, заклучи Смилковски.
За кошаркарите на ТФТ Скопје нема многу одмор. Екипата на четврти април се среќава со Тиквеш во домашното првенство, а четири дена подоцна ќе се соочи со Сутјеска во првиот полуфинален меч од АБА 2 лигата.


