• Мартин Танасковски
Боро Смилковски, тренерот на ТФТ Скопје, по поразот од Борац Чачак во плеј-офот за пласман во АБА лигата истакна дека неговиот тим се соочува со огромен физички и психолошки замор по напорната сезона.
„Уште во најавата кажав дека ова е ролеркостер и сезона од соништата за нас. Се најдовме во завршницата за влез во АБА лигата, што е најголем успех во историјата на клубот. Но тоа донесе и огромен број натпревари, 16 во последните 40 дена. Психолошки, емотивно и физички сме уморни. Имаме многу малку време за тренинг. Апсолутно заслужена победа на Борац. Се виде квалитетот на екипа со голема традиција. Денеска беа подобар противник.“, изјави Смилковски.
Македонскиот стратег сепак беше задоволен од пристапот на своите играчи во првото полувреме, но посочи дека проблемите во организацијата на нападот и големиот број слободни фрлања за противникот биле клучни фактори.
„Ми се допадна енергијата на тимот во првото полувреме. Она што можевме да го контролираме беа асистенциите, а имавме само една. Она што не можевме да го контролираме беа 20-те слободни фрлања на противникот. Победникот практично беше решен уште на полувремето“, истакна тренерот на ТФТ.
На крајот, тој се осврна и на повредата на Дејвис.
„Се надевам дека Дејвис е добро, видов дека го изврте скочниот зглоб. Следува нов натпревар веќе во недела“, порача Смилковски.
Вториот натпревар од серијата до две победи за место во АБА-лигата се игра во Скопје на 10 мај.



