Смилковски: Имаме можност да го видиме комплетниот наш ростер

Македонскиот суперлигаш ТФТ Скопје го очекува сериозен предизвик во натпреварот против Херцеговац во рамките на АБА-2 лигата. Пред дуелот, тренерот Боро Смилковски и кошаркарот Тома Стојаноски ги споделија своите очекувања.

Смилковски смета дека противникот е исклучително цврста екипа, составена од искусни кошаркари, но истовремено натпреварот го гледа како одлична можност за евалуација на работата и дефинирање на насоката во која ќе се движи тимот во текот на сезоната.

„Пред нас е сериозен предизвик и тежок натпревар против екипата на Херцеговац, која е исклучително цврста екипа со доста искусни играчи. За нас би рекол и отворање на сезоната и комплетен ростер, можност за евалуација на сработеното и одлична прилика да се дефинира правецот во кој се движиме годинава. Агресивноста во одбрана и контролата на скокот ги издвојувам како клучни параметри за евентуален успех во натпреварот“, истакна Смилковски.

Одлична можност за прва победа во регионалното натпреварување гледа и Тома Стојаноски, кој потенцира дека ТФТ во првото коло не успеал да го покаже својот вистински потенцијал поради отсуството на странските кошаркари.

„Во првото коло поради отсуство на странските играчи, не можевме да покажеме што имаме спремно за ова натпреварување. Но овој пат со сите сили, фокусирано ќе влеземе во овој натпревар. Се надевам на добра игра од наша страна. Посакуваме да ја оствариме првата победа оваа сезона во АБА-2 лигата“, изјави Стојаноски.

Натпреварот помеѓу Херцеговац и ТФТ се игра со почеток од 18:00 часот.