Смилковски: Амбицијата е да избориме опстанок во најсилната дивизија

Селекторот на младинската кошаркарска репрезентација на Македонија, Боро Смилковски, ги собра своите пулени на едно мести и ги започна подготовките за Европското првенство во Гдиња, Полска.

Смилковски истакна дека од кошаркарите очекува уште од самиот старт да бидат со добра базична подготовка.

„Уште пред извесно време, а заедно со стручниот штаб веднаш започнавме процес на селекција, преку поширок список на играчи дојдовме до некоја оптимална бројка со која го започнавме тренажниот процес и преку која ќе дојдеме до бројката од 12 играчи со кои ќе настапиме на првенството во Полска. Направени се консултации и разговори со играчите, дел од нив се одамна ‘влезени’ во своевидна пред-подготовка со кондицискиот тренер, од самиот старт очекувам играчите да бидат со добра базична подготовка“ – вели предводникот на младинскиот состав по воведните неколку тренинзи реализирани во СРЦ „Кале“ во Скопје.

Европското првенство од А дивизијата со себе носи сериозно, високо ниво на кошарка, и многу (по)квалитетни ривали?

„Резултатски, амбицијата е да се избориме за опстанок во ‘А’ Дивизијата. А кога станува збор за некоја моја, лична цел, тоа е да ја подобриме перцепцијата кај играчите и да презентираме добра кошарка".

Во оној стартен, микро циклус од подготовките, стручниот штаб испланира и неколку „контроли“.

„Испланиравме шест подготвителни натпревари. Два со селекцијата на Црна Гора, и тоа на гостински терен, кои ќе бидат реализирани на 20, односно на 21 јуни. Освен тоа, ќе одиграме и уште четири натпревари во Скопје. Два од нив против соодветната селекција на Словачка, кои се закажани на 28, односно на 29.јуни. Потоа следува и натпревар против една комбинирана колеџ-селекција од САД, кој е предвиден за 4 јули, додека два дена подоцна, ќе ги одмериме силите и против репрезентацијата на Швајцарија. Сосема доволен број на контроли преку кои и ќе го дефинираме ростерот со кој ќе патуваме за Полска, во обид да ги реализираме нашите поставени цели“, дополнува Смилковски.  

Евробаскетот во Гдиња ќе се одржи од 13 до 21 јули.