Смилковски: АБА-2 беше позитивно искуство, ја сакаме и следната сезона

ТФТ Mozzart ги заврши настапите во АБА-2 лигата со пораз од Хелиос Санс. По мечот, тренерот Боро Смилковски кажа дека настапот во регионалното натпреварување било голем чекор за сите во клубот и дека е благодарен што ТФТ имал можност да игра во оваа лига.

„Пред се, прво сме благодарни на приликата првпат да бидеме дел од АБА2-лигата. Научивме многу како треба да изгледа кога играш натпреварување кое е еден степен повисоко од сите други. Ова беше едно позитивно искуство за нас и се надевам дека ова е цел за на следната година да бидеме старо-нов учесник на АБА-2 и да ги подобриме резулатите.

Конкретно, за целиот турнир, ние навистина бевме без шест играчи и двајца странци кои беа со нас, ама не можеа да играат поради повреди. Добро се држевме во прво полувреме, беше прашање на време кога Хелиос ќе направи поголема разлика на терен. Се почуствува заморот, кратката ротација, а и загубивме фокус. Сега пред нас е домашното првнество, таму добро котираме пред плеј-офот и тоа ни е приоритет“, изјави Смилковски.

Тимот од Тафталиџе ги загуби сите средби во последниот балон, но вреди да се напомене дека играше десеткуван. Дебитантската сезона во АБА-2, ТФТ ја заврши во долниот дел на табелата со три победи и десет порази.