Слукас по тешкиот пораз во Белград: Се срамам...

Капитенот на Панатинаикос, Костас Слукас, со горчина го коментираше тешкиот пораз на својот тим од Црвена Звезда во Белград со 86-68, во меч кој целосно им припадна на „црвено-белите“. Во преполната „Штарк арена“ тимот од Атина беше целосно надигран и не најде решение за агресивната игра на домаќинот.

Слукас по натпреварот излезе пред грчките медиуми и отворено призна дека се срами поради начинот на кој одигра Панатинаикос.

„Нашата слика беше многу лоша. Во тешка сме ситуација. Не е лесно во модерната кошарка да се игра без висок играч во вакви натпревари и против вакви противници. Повторно потфрливме, нашата игра во овој и во претходниот меч, особено во третата четвртина, беше многу лоша. Денес во првото полувреме промашувавме и примавме лесни поени. Во лош период сме од кој мора да излеземе силни. Навистина се срамев од нашата слика денес. Затоа во последните десет минути дадов сè од себе, се обидов барем да ја намалам разликата. Се срамам како капитен поради оваа слика и ветувам дека ќе бидеме подобри“, изјави Слукас.

Со овој пораз Панатинаикос ја прекина својата позитивна серија во Евролигата и ќе мора брзо да најде начин да се врати на победничките патеки пред следниот тежок предизвик.