• Мартин Танасковски
Словенечката кошаркарска репрезентација ќе ги продолжи квалификациите за Светското првенство 2027 без својата најголема ѕвезда Лука Дончиќ. Селекторот Александар Секулиќ го објави прелиминарниот список од 19 кошаркари за натпреварите против Франција и Унгарија, а на него не се најде асот на Лос Анџелес Лејкерс.
Отсуството на Дончиќ не претставува изненадување, бидејќи тој уште претходно најави дека ова лето нема да настапува за националниот тим поради семејни причини и желбата повеќе време да помине со своите ќерки. На списокот го нема ниту неговиот клупски соиграч Џексон Хејс, па неговото можно деби во словенечкиот дрес ќе почека за некој од следните репрезентативни циклуси.
Посебно внимание привлекува повикот за Стефан Јоксимовиќ, 17-годишниот бек на Басконија, кој важи за еден од најголемите европски таленти во својата генерација. Висок 204 сантиметри, Јоксимовиќ се издвојува со својата разновидност во играта.
Младиот кошаркар веќе има и сениорско репрезентативно искуство, откако настапи на сите шест натпревари на Словенија во досегашниот тек од квалификациите за Мундобаскетот. Летово беше еден од лидерите и на словенечката репрезентација до 18 години, што дополнително ја потврдува довербата што ја ужива кај стручниот штаб.
На прелиминарниот список на Секулиќ се наоѓаат: Лукас Бојовиќ, Миха Церквеник, Влатко Чанчар, Ловро Фаганел, Грегор Глас, Вит Храбар, Грегор Хроват, Стефан Јоксимовиќ, Мартин Крампељ, Урбан Крофлич, Алјаж Кунц, Тибор Миртич, Алексеј Николиќ, Ален Омиќ, Клемен Препелиќ, Рок Радовиќ, Жига Самар, Леон Стергар и Лука Шчука.
Пред квалификациските дуели, Словенците ќе одиграат контролни натпревари против Летонија и Црна Гора. На 27 август ќе гостуваат кај Франција во Париз, додека три дена подоцна во Љубљана ќе ја пречекаат селекцијата на Унгарија.