• Иван Димовски

Кошаркарите на Словенија повеќе не се селекцијата која што беа во минатото, а тоа го потврдија со првиот историски пласман на Олимписките игри во Токио. Словенечките играчи запишаа голема победа на гостувањето во Каунас кај Литванија од 96-85, со што си обезбедија „виза“ за Јапонија.
Литванија парираше на стартот, иако Словенија поведе со +10, домаќинот се врати до егал. Изедначениот резултат фигурираше до полувремето, но по него гостите пак дојдоа на двоцифрена предност. Литванците пак направија добра серија од 10-0 и од минус 12, дојдоа на само два поени дефицит.
Сепак, Словенија предводена од Дончиќ врати со подобра серија од 14-0 за враќање на посакуваната разлика. Последната четвртина беше „брканица“, Литванија се обидуваше да се врати, но гостите не дозволуваа изненадување. На крајот, Словенија издржа и сосема заслужено ќе игра на турнирот во Токио.
Очекувано, најдобар поединец на натпреварот со „трипл-дабл“ ефект беше Лука Дончиќ, откако уфрли 31 поен, запиша 13 асистенции и фати 11 скокови. Помош во словенечкиот табор за плејмејкерот пружија Цанцар со 18 и Блажиќ со 16 поени. Кај Литванците, со по 14 поени беа Валанчиунас, Калниетис и Буткевичиус.