Словенија ја сака организацијата на Евробаскетот 2021 година

Словенечката кошаркарска федерација наскоро ќе достави кандидатура за организација на Евробаскетот во 2021 година. Откако не се квалификува на Светското првенство во Кина оваа година, Словенија веќе започна нов проект во кој сака да биде редовен учесник на големите приредби во следната деценија.

Во 2013 година Словенија беше домаќин на Евробаскетот, на кој учествуваше и Македонија, а сега ќе води битка со Шпанија и Италија кои најавија дека го сакаат континенталниот собир. Постојат иницијативи кандидатурата на Словенија да биде заедничка со некој од соседите, но нема потврда за тоа од луѓето од федерацијата. 

ФИБА Европа одлучи во иднина Европското првенство да се игра на секои четири години, а не на две како досега. Годинава треба да биде познат домаќинот на шампионатот во септември 2021 година. Титулата тогаш ќе ја брани токму словенечката репрезентација.