• Иван Димовски

Додека пандемијата од коронавирусот е во полн ек, неколку кошаркарски шампионати во Европа беа предвреме завршени, прогласувајќи го лидерот за шампион. Слична судбина доживеа и Првата лига во Словенија, но таму нема прогласен првак.
Клубовите од оваа земја одржаа состанок на кој изразија желба сезоната да се поништи, без доделување на титулата за било која екипа, но и без тимови кои ќе испаднат или влезат во елитното друштво.
„Последните неколку дена имавме разговори со претставниците на речиси сите клубови во Словенија. Дојдовме до заклучок дека е најдобро да се поништи сезоната поради несигурната ситуација. Не најдовме алтернатива, а клубовите беа едногласни“, истакна претседателот на КСС, Матеј Ерјавец.
Во Словенија досега се регистрирани околу 350 случаи на заразени од вирусот ковид-19, па кошаркарските екипи не сакаа да ризикуваат и да ги изложуваат играчите на ризик.