Словенија доби одлични вести, Дончиќ ќе игра во квалификациите за ОИ

Словенија

Словенечката репрезентација ќе биде дел од квалификацискиот турнир на Олимписките игри. Актуелниот европски првак ќе игра на турнирот во Каунас каде ќе биде во група со Ангола и Полска. Доколку освои едно од првите две места ќе вкрсти со втората група во која учествуваат домаќинот Литванија, Јужна Кореја и Венецуела.

Работата нема да биде лесна, но одлични вести доби словенечкиот селектор Радо Трифуновиќ. Првата ѕвезда Лука Дончиќ потврди дека ќе биде дел од квалификацискиот турнир.

„Нема сомнеж дека ќе играм на турнирот“, изјави кошаркарот на Далас.

Ова е големо засилување за Словенците, кои важат за фаворити да се пласираат на игрите во Јапонија.