Словенечки центар го засили шампионот МЗТ Скопје

Македонскиот шампион, МЗТ Скопје Аеродром во продолжението на сезоната ќе има уште една опција во играта под кошевите, откако денес беше официјализиран договорот со српскиот кошаркар кој има и словенечки пасош, Бојан Радуловиќ.

Станува збор за 27-годишен центар, висок 211 сатиметри, со искуство од најсилната АБА-лига, во која настапуваше прво со Металац Ваљево, а потоа и две сезони со Унион Олимпија и во која одигра вкупно 45 натпревари. Тој во Аеродром доаѓа од словенечкиот прволигаш Тајфун од Шентјур, каде што на седум средби сезонава имаше просек од 9,4 поени и 6,9 скока.

Радуловиќ кариерата ја почнал во тимот на Спартак од родната Суботица, по што играше за Електра Шоштањ, Олимпија во два наврати по три сезони, Хелиос, Шкофја Лока и Копер Приморска. Лани, со „змајчеки“ од Љубљана беше шампион на Словенија.