Славниот Марко Белинели ја заврши богатата кошаркарска кариера

Италијанскиот кошаркар Марко Белинели (39) објави дека става крај на својата професионална кариера, по 23 години поминати на кошаркарските терени.

Кариерата ја започна во сезоната 2002/03 со екипата на Виртус Болоња, а токму таму се врати и во 2020 година, со што симболично го затвори кругот на својата кариера. За време на вториот престој во Виртус успеа да го освои трофејот во Еврокупот во сезоната 2021/22, што му овозможи на клубот враќање во Евролигата по пауза од 14 години.

„Секогаш го давав целото свое срце, сè од себе. Кошарката ми даде сè, а и јас ѝ возвратив со сè што имав. Тешко е да се каже збогум, но дојде времето,“ изјави Белинели во своето проштално обраќање.

Покрај двата периода во Виртус, тој настапуваше и за Фортитудо Болоња (2003–2007), пред да замине во НБА-лигата. Во Евролигата одигра 162 натпревари, при што постигна вкупно 1.485 поени, со просек од 9,2 поени по натпревар. Со 261 реализирана тројка, се наоѓа на 66. место меѓу најдобрите стрелци од далечина во историјата на Евролигата.

Во НБА лигата, Белинели играше за девет различни тимови: Голден Стејт, Торонто, Њу Орлеанс, Чикаго, Сан Антонио, Сакраменто, Шарлот, Атланта и Филаделфија. Вкупно одигра 860 натпревари со просек од 9,7 поени, 2,1 скок и 1,7 асистенции. Во плејофот настапи на 60 натпревари, каде што бележеше 8,5 поени по меч.