• Саше Љолес
Славниот Леброн Џејмс ќе биде знаменосецот на Соединетите Американски Држави на претстојните Олимписки игри во Париз, јавија тамошните медиуми.
Со „кралот“ Џејмс во првиот ред ќе биде и една припадничка на понежниот пол, чие име уште не е официјално објавено. Леброн изјави дека ова за него претставува огромна чест и остварување на уште еден детски сон.
„Не можам да ви опишам колку сум среќен. Ова е остварување на уште еден сон од детството. За едно обично момче од државата Охајо, ова е неверојатно достигнување. Одговорноста е голема, но јас верувам во квалитетите на нашата експедиција и знам дека ќе се вратиме дома со многу медали.
Спортот треба да ги обеднува сите и да носи радосни моменти за луѓето. Гордо ќе го носам американското знаме и очекувам да го освоиме златниот медал на кошаркарскиот турнир. За тоа се подготвуваме и тоа ни е целта“, рече Џејмс.
Своето мислење за медиумите го изнесе и Стеф Кари, кој рече дека токму Леброн е човекот кој мора да го носи знамето на отворањето на Олимписките игри. Плејмејкерот на Голден Стејт упати само пофални зборови за својот соиграч, нарекувајќи го „кралот на нашата екипа“.