• Саше Љолес
Олимпија Милано и нашиот Ненад Димитријевиќ запишаа пораз во петтото коло од Евролигата, откако загубија на домашен терен од Анадолу Ефес со 84-96.
Со исклучок на третата четвртина, гостите од Турција одиграа одличен натпревар и на крајот заслужено се израдуваа на третиот триумф сезонава. На паузата „пиварите“ водеа со огромни 25-46, но Милано возврати на одличен начин во третата делница, која ја доби со 14 поени разлика.
Последните десет минути донесоа голем мотив за домашните кошаркари, но Турците повторно ја стабилизираа играта и не дозволија да ја загрозат убавата позитива од првото полувреме. Милано имаше сили само да се врати на -9, но на крајот потклекна и запиша пораз со конечни 84-96.
Најефикасен играч кај Анадолу Ефес беше Елајџа Брајант со 19 поени, додека кај домаќините одлична партија одигра Никола Миротиќ, кој запиша 26 поени на своето конто. Нашиот Нено одигра вкупно тринаесет минути и имаше скоро никаков учинок од само една асистенција и една загубена топка.
Екипата на Басконија оствари убедлив триумф на домашен терен и славеше со огромни 80-57 над екипата на Алба Берлин.
Вистинска симултанка кај домаќините одигра феноменалниот Маркус Хауард, кој забележа дури 26 поени, додека кај германскиот состав прво име беше Исланѓанецот Мартин Хермансон со десет поени помалку.