Скромен учинок на Антиќ, шампионот го декласира Морнар во првиот полуфинален дуел

Минатогодишниот шампион во АБА лигата, Црвена Звезда, запиша убедлива победа во првиот меч од полуфиналето против Морнар (91-63). Нашиот Перо Антиќ постигна пет поени во 13 одиграни минути, а „црвено-белите“ имаа можност да комбинираат кон крајот на мечот со оглед на високата предност.

Големиот фаворит започна да доминира од првата минута и до крајот само ја зголемуваше позитивата, која во еден момент се искачи на +31. Црногорскиот претставник немаше сили за никакво изненадување, а дополнително ја загуби психолошката игра кога во вториот период постигна само девет поена.

Почетокот на второто полувреме беше единствената светла точка за кошаркарите на Морнар на денешниот натпревар, кој на крај го загубија со убедливи 91-63. Вториот меч е закажан за една недела во Бар.

Џејмс Фелдејн со 23 поени беше апсолутен лидер кај српската екипа. Милко Бјелица се надоврза со 17, а Рочести и Омиќ запишаа двоцифрен број на погодоци, двата по десет.